Претседателот Пендаровски положи цвеќе на гробот на поранешниот претседател Глигоров

Претседателот Стево Пендаровски, денеска положи свежо цвеќе на гробот на поранешниот претседател Киро Глигоров.

Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје, положи свежо цвеќе на гробот на поранешниот претседател Киро Глигоров, по повод 10 - годишнината од неговата смрт.

„Киро Глигоров ќе остане запаметен како активен учесник во најважните процеси за политичко осамостојување на нашата држава. Со своите лидерски способности, умереност, мудрост и дипломатија даде исклучителен придонес за меѓународно признавање и етаблирање на земјата и го отвори патот за исполнување на стратешките цели“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.

Првиот претседател на независна Република Македонија Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст.

Во 1991 година ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции.