Филипче - Во Новата година родени три бебиња, од кои едно во Ковид-центарот

Министерот за здравство Венко Филипче и директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска

Првото бебе родено годинава е машко и е четврто во семејството на Сузана и Горан Стошиќ. Родено е во првата минута од новата година и тежи 3 килограми и 70 грама, долго 50 сантиметри, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој информира и за другите настани за време на новогодишната прослава.

Филипче потенцираше се родени уште две бебиња, едно во 00:02 часот, додека другото бебе во 5 часот наутро е родено во Ковид-центарот, на мајка која е позитивна на коронавирусот.

„Породувањето поминало без никакви проблеми и тоа бебе и мајката се добри“, рече Филипче.

Директорката на ЈЗУ Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска рече дека сите деца породени после полноќ се добри, вклучувајќи го и тоа бебе кое што утрово се роди во ковид-центарот.

„И мајките и бебињата се добри. Се чини дека оваа година ќе ни биде добра и конечно ќе заврши оваа пандемија па ќе можеме слободно да живееме“, рече Јовановска.

Министерот Филипче информира дека на Клиниката за токсикологија примени се 17 пациенти, од кои 11 се примени поради алкохолизираност.

„После соодветниот третман сите се добри“, рече Филипче.

Во службата за Итна медицинска помош имало околу 50 повици, во најголем број случаи заради пациенти ко се алкохолизирани, помалку пациенти повредени во физичка пресметка и неколку помали и една посериозна сообраќајна несреќа. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани околу 60 пациенти со КОВИД, 40 од нив се на кислородна поддршка.