Израел денеска одобри употреба на четврта доза на вакцината против ковид-19 за жителите на домовите за стари лица и геронтолошките одделенија, откако синоќа беше одобрено четвртата доза да ја примат Израелци од ослабнат имунолошки систем.
Израел е прва земја во светот која одобри четврта доза.
Генералниот директор во Министерството за здравство синоќа рече дека ќе се разгледа можноста за вакцинацијата да се прошири и на други групи луѓе, зашто на дневна основа се проценува опасноста од зголемување на сериозните случаи на заболувањето.
Израел меѓу првите земји во светот почна вакцинација против коронавирус со вакцината на Фајзер, а третата доза ја нуди од летоска.
Сепак, поради појавата на делта сојот се соочи со нов бран заразувања и здравствените власти сега предупредуваат на уште еден бран поради омикрон сојот.
Околу две третини од 9,5 милиони жители на Израел примиле најмалку две дози од вакцината, а скоро 45 отсто примиле и трета доза.
Од почетокот на пандемијата во земјата од ковид-19 починаа над 8200 луѓе.
Во моментов во земјата има скоро 23 илјади активни случаи. Вчера беа потврдени нови 5600 случаи, што е најголем број од септември.