Албанскиот премиер Еди Рама, на предновогодишната средба со новинарите рече дека процесот на европска интеграција е јасен и оти „Албанија е во апсурдна фаза на блокирање поради ветото наметнато од Бугарија врз Северна Македонија“. Тој додаде дека Тирана нема намера до недоглед да зависи од волјата на Софија и најави дека ќе бара одвојување на Албанија од Северна Македонија на патот кон ЕУ, ако на крајот на француското претседателство, односно по првите шест месеци од следната година, Бугарија остане на ветото.
Ѓурѓај - Се зголемува антимакедонската кампања на Бугарија во Албанија
„Доколку Бугарија продолжи да става вето, отворено ќе побараме одвојување од Северна Македонија. Во меѓувреме, она што е важно е дека нашите бодови во оценките во однос на овој процес се зголемуваат и две важни компоненти во зголемувањето на бодовите се чекорите што почна да ги презема правосудниот систем„, рече Рама. Тој уште еднаш посочи дека никој што има проблеми со правдата не може да се крие зад логото на неговата, владејачка, Социјалистичката партија.