Најранливите категории на лица со ниски примања кои не се приматели на гарантирана помош согласно законите, ќе добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 или 800 денари во зависност од големината на домаќинството, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Оваа мерка е дел од владината програма за ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година донесена на денешна седница на Владата и за неа се предвидени 60 милиони денари, а според проценките треба да бидат опфатени 7.500 домаќинства во времетраење од 12 месеци.
Финансиската поддршка ќе биде доделувана на лица доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот на минималната плата ако се работи за лице самец, за домаќинство со два члена до 18.000 денари, за домаќинство до три члена до 21.000 денари, за домаќинство со четири члена до 25.000 денари и за домаќинство со пет члена или повеќе до 30.000 денари.
Бектеши рече дека лицата со ниски примања за самец, домаќинство со два члена и домаќинство до три члена се стекнуваат со намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари месечно.
„Лицата со ниски примања за домаќинства со четири члена и за домаќинства со пет члена или повеќе члена се стекнуваат со право на намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 800 денари месечно сметано од денот на поднесувањето на барањето“, рече Бектеши.
Денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соопшти дека од 1 јануари цената на струјата ќе се зголеми за 9,48 проценти и дека ќе се укине и дневната евтина тарифа за струјата, а ноќната евтина тарифа и евтината тарифа во недела ќе останат.
Новата цена на струјата за корисниците на регуларниот пазар ќе важи во првите шест месеци од наредната година.
РКЕ денеска го разгледува и барањето на БЕГ, а утре ќе биде соопштено колкаво ќе биде поскапувањето на парното.