РКЕ утре ќе соопшти колку ќе биде зголемена цената на парното

Илустративна фотографија - Парно греење.

Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси (РКЕ) денеска ќе го разгледува барањето на БЕГ, а утре ќе биде соопштено колкаво ќе биде поскапувањето на парното, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Тој на денешна прес-конференција рече дека ќе се бара начин да нема драстично зголемување на цената, посочувајќи дека тоа не е опција бидејќи корисниците ќе се исклучат од системот за греење и ќе почнат да користат електрична енергија.

Бислимовски рече дека во тек се консултации со Владата и апелираше до Град Скопје и сите општинин на ниво на градот да бидат солидарни и да излезат во пресрет на најбезболно решавање на проблемот. Тој додаде дека доколку е потребно, локалната самоуправа треба да обезбеди субвенции за потрошувачите за да се избегнат ценовни шокови.

„Набавната цена на природниот гас во делот каде купува БЕГ по цена на берзи е околу 1480 долари за метар кубен. Ова е набавка за јануари и е за речиси шест пати повисоко од просекот во 2021 година кога изнесуваше 240 долари за метар кубен. Затоа БЕГ вчера достави барање и ние денеска ќе го разгледуваме“, рече Бислимовски.

Инаку, денеска РКЕ соопшти дека од 1 јануари цената на струјата ќе се зголеми за 9,48 проценти и дека ќе се укине и дневната евтина тарифа за струјата, а ноќната евтина тарифа и евтината тарифа во недела ќе останат.

Новата цена на струјата за корисниците на регуларниот пазар ќе важи во првите шест месеци од наредната година. Претходно, сите енергетски компании побараа зголемување на цената на електричната енергија.