Претседателот на регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски најави дека струјата од следниот месец ќе поскапи за 9,48 проценти.
На денешна прес-конференција, тој рече дека со новиот план од 1 јануари ќе се укине и дневната евтина тарифа за струјата, а ноќната евтина тарифа и евтината тарифа во недела ќе останат.
Тој наведе дека поскапувањето требало да биде многу поголемо, но поради одлуката на Владата да им помогне со економски мерки на енергетските компании, поскапувањето за бизнисот и домаќинствата е помало.
„Реалното зголемување ќе беше многу повеќе, но успеавме да скратиме многу трошоци и дополнително Владата презема обврска да им помогне на државните компании во наредниот период“, рече Бислимовски.
Новата цена на струјата за корисниците на регуларниот пазар ќе важи во првите шест месеци од наредната година. Сите енергетски компании веќе побараа зголемување на цената на електричната енергија.
Во однос на укинувањето на дневната евтина тарифа, Бислимовски рече дека поради зголемен увоз во периодот на важење дневната евтина тарифа, имајќи ги предвид екстремно високите цени, увозот ги чини 100 илјади евра дневно.
„Овој товар електро-енергетскиот сектор не може повеќе да го понесе и тоа е една и единствена причина поради која што се укинува дневната евтина тарифа“, рече Бислимовски.
Доколку не се укинеше дневната евтина тарифа, зголемувањето на цената на струјата ќе требаше да изнесува 14,23 проценти, рече Бислимовски.
Тој исто така посочи дека Европа и Македонија се соочени со една од најголемите енергетски кризи, со што ги повика граѓаните на штедење посочувајќи дека ова зголемување е минимум што можела да го направи РКЕ.
Во однос на тоа дали компаниите се задоволни со покачувањето на цената, тој рече дека тие не се задоволни, но дека истовремено се свесни дека доколку има драстично зголемување на цената, нема да соберат повеќе пари од потрошувачите поради драстично намалување на степенот на наплата.
„Факт е дека одиме со пониски предвидувања со цената на електрична енергија за покривање на набавка на електрична енергија за загуби, но веруваме дека цената во Европа во текот на целата година ќе биде стабилизирана“, рече Бисломовски.