Џипови, притвори, мандати...

РУСИЈА - Руската полиција приведе на сослушување тројца поранешни регионални координатори на предизборниот тим на Алексеј Навални, во ситуација на континуиран притисок врз соработниците на затворениот опозициски лидер.

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски во допис до медиумите преку неговите адвокати тврди дека сите сознанија на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за џипот на неговата сопруга се невистини. ДКСК вчера соопшти дека ќе поведе иницијатива за утврдување одговорност на Рашковски до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција за незаконито постапување со цел примање награда- возило.

САД - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен назначи две жени кои ќе ги предводат напорите на САД за поддршка на авганистанските жени и девојчиња и човековите права.

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков излегува од притвор откако Апелациониот суд ја прифати жалбата на одлуката на Кривичниот суд. На Мијалков му беше одреден притвор за случајот Плацеви на Водно. Претходно Апелациониот суд ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра дека Мијалков нема да избега од државата.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денесшен брифинг со новинарите информираше дека поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева во декември минатата година дала предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија во кој, како што вели, два члена биле спорни за Северна Македонија, бидејќи се барало да се потпише дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а нацијата произлегла од обидот за ослободување од Отоманската Империја.

КИНА / ХОНГКОНГ - Во Хогконг се затвора една од последните продемократски медиумски организации Стенд њуз, откако полицијата упадна во редакцијата и уапси седум лица.

АЛБАНИЈА / МАКЕДОНИЈА - Бугарската амбасада во Тирана во континуитет реализира антимакедонска кампања во Албанија, но очигледно е дека поради последните тензии на Македонија и Бугарија поради блокадите на Софија за спречување на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, кампањата се зголемува и добива во интентензитет. Оваа за Радио Слободна Европа го изјави политичкиот аналитичар Никола Ѓурѓај кој е главен уредник на македонскиот весник Илинден кој излегува во Тирана. Тој нагласува дека Софија постојано работи Македонците во Албанија да ги прикаже како Бугари.

СРБИЈА - Србија сè уште ги има најголемите вооружени сили во поранешна Југославија, а тие сочинуваат околу 40 насто од бројот на сите армии создадени по распадот на СФРЈ, пишува порталот Балканска безбедносна мрежа. Србија има околу 22.500 под оружје, потоа Хрватска со 14.836 и БиХ со 14.431. Северна Македонија има 6.850 членови, Словенија има 5.889 активни членови и Црна Гора 1.720 членови.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски во претседателската Вила Водно му го врачи мандатот за состав на новата влада на Северна Македонија на лидерот на Социјалдемократската партија Димитар Ковачевски.