Лидерот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски планира новиот состав на Владата да го предложи околу 10 или 11 јануари наредната година. Што значи дека Ковачевски тоа ќе го направи во пократок рок предвидениот во Уставот. Ковачевски има рок од 20 дена по доделувањето на мандатот да ја формира новата Влада. Тој порача дека дека принципот на одговорност ќе биде одлика на управувањето на новата Влада.
„Технократскиот начин на управување обично се поврзува со цврста рака на владеење, меѓутоа за мене тоа значи еден мерит систем на раководење, каде што секој којшто извршува одредена јавна функција, треба одговорно и чесно да ги извршува своите задачи, согласно со зададените цели. Секој, низ личен пример, да работи во интерес на граѓаните и да одговара при непостапување“, рече Ковачевски за време на гостувањето на Канал 5 телевизија.
Од работата на новата Влада, како што рече, може да се очекува силна посветеност на економските реформи во државата, силна посветеност на справувањето со најгорливите прашања, а тоа се предизвиците од енергетската глобална криза, корупцијата, владеењето на правото, како и продолжување на патот за влез во ЕУ.
Претседателот Стево Пендаровски денеска му го додели мандатот на Ковачевски. Тој ако биде изгласана Владата ќе стане единаесетти премиер од независноста.