Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денесшен брифинг со новинарите информираше дека поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева во декември минатата година дала предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија во кој, како што вели, два члена биле спорни за Северна Македонија, бидејќи се барало да се потпише дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а нацијата произлегла од обидот за ослободување од Отоманската Империја.
Османи рече дека земјава заслужува да ги почне преговорите со Европската унија, но посочи дека наметнувањето на историјата како критериум за членство во ЕУ било нерационален пристап којшто не го прифаќа ЕУ. Тој рече дека Северна Македонија е препозната во светот во однос на индивидуалните и колективните права кои ги имаат граѓаните и во однос на правото на некој граѓанин да има свои погледи кон историјата и слобода за манифестирање на своите културни и идентитетски атрибути.
„Меѓутоа, пристапот наметнување историја како критериум, договор за една апсолутна историска вистина од пред 100 години, од пред 70 години мислам дека не е патот којшто две европски држави и две држави коишто се членки на НАТО тоа треба да го имаат како една единствена перспектива за соработка“, рече Османи.
Надминувањето на разликите со Бугарија ќе биде едно од клучните прашања за Министерството за надворешни работи и во наредната година, рече Османи и дека фокусот меѓу другото, ќе биде надминување на разликите и започнување на преговорите со ЕУ.
Тој додаде дека очекува најавената посета на бугарскиот премиер Кирил Петков да се реализира во јануари. Тој посочи дека МНР фокус ќе стави и на развојот на билатералните односи пред се со САД и земјите членки на ЕУ, Обединетото Кралство. Во однос на тоа дали јуни ќе може да има конечно почеток на преговори, Османи рече дека не треба да оставиме простор ова прашање да влезе во замрзнат конфликт.