По двегодишна пауза од серијата исклучително успешни мјузикли како „Чикаго“, „Мама миа“ и „Боливуд“, режисерката Наташа Поплавска пред македонската публика се враќа со ново музичко сценско дело – кабарето насловено „Животот е...“. Премиерната изведба е закажана за овој четврток, на 30 декември во 20 часот, во Националната опера и балет. Сторијата за овој нов нејзин проект е пишувана во соработка со Ристо Вртев, еден од хероите и поетите на современата македонска рок сцена и водачот на АРХАНГЕЛ, а во исправањето на проектот на сцена немерливо голема била и улогата на нејзината долгогодишна соработничка – кореографката Олга Панго. Нивното творечко патешествие е збогатено и со присуството на неколкумина врвни визуелни уметници како што се дизајнерот Дејан Матиќ, потем специјалистот за светло Милчо Александров и костимографот Александар Ношпал. Сите заедно со балетските солисти од Националниот Балет и познатата џез пејачка Марија Димитријевиќ, како што велат едноставно креирале „сценска магија“.
И, кога сме веќе тука да кажеме дека во „Животот е...“ играат Иван Вртев, Андру Кук (како гостин од Велика Британија), Дафина Данилоска - Кочевска , Маја Митровска - Богојевска, Биби Басмаџиева – Ковачевски, Анела Велевска, Ангела Богатинова , Сарина Стојановска, Михаела Перевска и Мартина Аврамовска. Проектот е во продукција на Здружението за развивање на уметност и културна соработка АРТ МЕДИА во соработка со НОБ и помогнат е од Министерството за култура.
И, толку околу фактите. А, подетално во „Животот е...“ е преку животната приказна на кабаретската ѕвезда Сали Боулс, преку случките од некогашниот Берлински „Кит Кет кабаре клуб“, како што велат авторите, публиката ќе има можност да ја проследи „трансформацијата на животот во денешната корпоративна и виртуелна стварност“.
Ова е еден пост модернистички пристап на она што јас и до сега го работев. На она што практично ни се случува и не носи во некои нови патеки на размислување. Прашања од типот „Каде оди театарот денес?“ или „Каков е животот денес?“. Од она што ние го креиравме и оставаме можност на публиката да мине низ едно ново патешествие, вели режисерката Наташа Поплавска.
Режисерката Наташа Поплавска
Според нејзините зборови „во кабарето, џез звуците на познатите Нат Кинг Кол и Џон Кандер полека преминуваат во електронските поп звуци на пионерите на електронската музика КРАФТВЕРК“.
Ние, еве ќе речам особено јас и младата генерација која го живее тој премин од еден во друг век на светско ниво, сме сведоци на таквите промени. На излегување и влегување од еден во друг живот. Ми се чини дека она што значи 21 век токму сега ни доаѓа лице в лице со нас луѓето кои го живееме ова прекршување на временските периоди. Така што, оваа претстава и условно да кажам ова мое кабаре, јас како автор велам дека би ги квалификувала како „cabaret goes digital“, смета режисерката.
Поплавска и со појаснување на соработката со Ристо Вртев. Истакнува дека тоа е само „вовед во нешто што допрва сигурно следува“.
По оној концерт што Вртев го направи во време на пандемијата во 2020 година и на кој и јас соработував, ми стана јасно дека од неговото творештво, неговата музика и поетика, може да се направи еден голем национален мјузикл. И токму тоа е мојата следна голема инспирација. Сметам дека неговите сонгови се нешто што го одбележа нашето живеење во Македонија и она што го забележав на неговиот концерт лани е дека во публиката имавме луѓе од 15 па се до 70 години, така што тоа е музика којашто поврзува генерации. Во таа смисла ние работејќи на проектот што допрва ќе следува дојдовме на идеја, или барем јас, дека Ристо би можел да ми помогне во пишувањето на оваа моја приказна, на актуелното кабаре „Животот е...“, ќе рече Наташа Поплавска.
И, кон ова само уште информацијата дека следната изведба на „Животот е..“ е закажана за 19 февруари 2022 година во НОБ.