СЗО - Омикрон може да ги преоптовари здравствените системи

Авиони „Делта“ на меѓународниот аеродром Џон Ф. Кенеди во Њујорк откако бројни летови беа откажани поради ширењето на Омикрон варијантата на коронавирус.

Светската здравствена организација (СЗО) на 28 декември предупреди дека варијантата Омикрон може да ги преоптовари здравствените системи и покрај раните студии кои сугерираат дека овој сој предизвикува поблага болест, бидејќи неколку земји забележаа рекорден број на инфекции поради двојниот наплив на случаи на делта и омикрон.

Кина и многу европски земји повторно воведоа строги ограничувања за да го спречат зголемениот број на зарази, додека од 24 декември околу 11.500 летови се откажани ширум светот, а авиокомпаниите се соочуваат со недостиг на персонал предизвикан од растот на случаите.

САД, Франција, Италија, Португалија и Велика Британија беа меѓу земјите што пријавија рекордни дневни стапки на инфекции по Божиќниот празник.

Случаите во САД се зголемија за 114 отсто во изминатите две недели, поттикнати од варијантата Омикрон, сѐ уште големиот број на невакцинирани жители и зголемениот број на пробивни случаи меѓу вакцинираните.

САД на 28 декември забележаа рекорден седумдневен просек од повеќе од 267.000 случаи. Седумдневниот просечен број на смртни случаи постојано се зголемува, достигнувајќи 1.482.

СЗО предупреди дека иако прелиминарните наоди сугерираат на тоа дека омикрон предизвикува полесна болест, брзиот раст на Омикрон „сепак ќе резултира со голем број на хоспитализации, особено кај невакцинираните групи.

Тоа ќе предизвика широко распространето нарушување на здравствените системи и другите критични услуги, наведе СЗО.