Од Ковачевски до Жириновски
МАКЕДОНИЈА - Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски денеска се сретна со амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз. Ковачевски, како што соопшти СДСМ, истакнал дека како претседател на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада ќе се води од принципите на заедништво, одговорност, посветеност и ефикасност, а тоа ќе го бара и од неговите соработници.
БУГАРИЈА - За време на божиќните празници пред болницата Пирогов, која е најголема во Бугарија за итни интервенции, се создале долги редици од луѓе кои сакаат да се вакцинираат против Ковид-19. Од тие причини дошло до недостиг на вакцината на Фајзер/Бионтек во центарот за имунизација на болницата, објави БНР.
КИНА - Пекинг ги обвини Соединетите Држави за неодговорно однесување во вселената по блиските контакти меѓу кинеската станица и сателитот Спејс Икс, на милијардерот Илон Маск.
СРБИЈА - Сојузот на еколошки организации од цела Србија најави нови протести за 3 јануари, откако претседателот Александар Вучиќ изјави дека проектот Јадар за литиум нема да се укине.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски на 29 декември ќе го врачи мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија на Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ. Ако предлогот за новиот состав стигне во Собранието до 10 јануари, Владата би можела да биде изгласана најрано на 16 јануари до полноќ.
ТУРЦИЈА - Турската полиција денеска уапси 16 лица обвинети за врски со терористичката група Исламската држава. Полицијата се обиде во текот на ноќта да затвори нелиценцирана верска книжарница во Бингол во југоисточниот дел на земјата, која ги поддржува активностите на ИД во земјата, соопшти Кабинетот на гувернерот.
РУСИЈА - Руската полиција приведе тројца поранешни регионални координатори на изборниот тим на Алексеј Навални на сослушување во период на континуираниот притисок врз соработниците на затворениот опозициски лидер.
МАКЕДОНИЈА - Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски најави дека од наредниот месец ќе се вклучи и вториот котел во ТЕЦ Неготино и третиот блок во РЕК Битола.
МАКЕДОНИЈА - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе поведе иницијатива за утврдување одговорност за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, за незаконито постапување со цел примање награда- возило.
ИЗРАЕЛ - Израелскиот премиер Нафтали Бенет изјави дека не се противи на добар нуклеарен договор меѓу Иран и светските сили, иако изрази скептицизам дека разговорите што продолжија оваа недела може да резултираат со таков исход.
ЦРНА ГОРА - Един Бегзиќ жител на Бар денеска се закани дека ќе активира експлозив пред филијалата на НЛБ банка во градот. Полицијата поради заканата евакуирала дел од улицата Маршал Тито во строгиот центар на градот. Тој залепил и натпис: Вратете ги парите што ги украдовте од работниците на Приморка.
АВГАНИСТАН - Талибанските милитанти, наводно, отвориле оган врз група жени кои протестирале на улиците на Кабул против дискриминаторската политика на владата два дена откако властите најавија нови ограничувања за патување на жените.