Кина ги критикува САД поради сателитот „Спејс Икс“

илустрација

Пекинг ги обвини Соединетите Држави за неодговорно однесување во вселената по „блиските контакти“ меѓу кинеската станица и сателитот „Спејс Икс“, на милијардерот Илон Маск.

Тиангонг, новата кинеска вселенска станица, мораше да маневрира за да избегне судир со еден сателит Старлинк во јули и друг во октомври, се наведува во жалбата од Пекинг до Вселенската агенција на Обединетите нации во декември. Во жалбата се посочува дека инцидентите „го загрозиле животот и здравјето на астронаутите на кинеската вселенска станица“.

„Соединетите Држави ги игнорираат своите обврски од меѓународните договори, загрозувајќи ги животите и безбедноста на нашите астронаути“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан.

Старлинк, дел од Спејс Икс, управува со околу 2.000 сателити за да обезбеди пристап до Интернет до поголем дел од планетата.

Спејс Икс е американска приватна компанија, независна од Армијата на САД и Американската вселенска агенција (НАСА). Сепак, Кина соопшти дека членовите на Договорот за вселената се одговорни и за постапките на нивните невладини субјекти. Спејс Икс сè уште не ги коментираше критиките од Кина.