ДКСК: Рашковски незаконски примил награда-возило „доџ“ од 50 илјади евра

Драги Рашковски

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе поведе иницијатива за утврдување одговорност за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, за незаконито постапување со цел примање награда- возило.

Членот на ДКСК, Горан Трпеноски кој денеска го образложи случајот рече дека Рашковски и покрај укажувањата од Министерството за транспорт и врски доставувал информација до Владата за градење објекти што се сопственост на државата од страна на гостиварска фирма, која за десеткратно помала цена продала возило на Игор Христов, а тој потоа го подарил на сопругата на Рашковски.

Во анкетниот лист од 05.03.2021 година Рашковски навел дека со договор за подарок неговата сопруга се стекнала со автомобил марка „доџ“, произведен 2005 година во вредност од 300 илјади денари или околу пет илјади евра, без да наведе дополнителни карактеристики за возилото.

Од МВР до Антикорупциска биле доставени два договори и тоа за купопродажба на возилото „доџ“ кабриолет склучен на 09.11.2020 година меѓу гостиварска фирма и Игор Христов и договор за истото патничко возило склучен на 10.02.2021 година меѓу Игор Христов и Вероника Рашковска, сопругата на Драги. Инаку, потсети Трпеноски, Христов е и советник во Владата, како и еден од осомничените во случајот со Рашковски за набавка на софтверите.

Трпеноски појасни дека по извршената проверка на пазарот, оваа марка на возило иако е произведена 2005 година чини од околу 50 илјади евра па нагоре, што е, како што рече, десеткратно повисока вредност од наведената цена во договорот.

„Од наведеното произлегува дека блиско лице на Рашковски, добила на подарок од Игор Христов возило што вреди околу 50 илјади евра, кое истото го купил за невообичаено ниска цена од гостиварската фирма, која пак имала поднесено барање за спроведување постапка за склучување пред договор за пренесување на правата за градење објекти што се сопственост на државата, доставено до Владата. Тоа води кон сомневање за преземање дејствија спротивни на закон. По извршената проверка откриено е дека на 17.12.2018 година до Генералниот секретаријат на Влада, гостиварскат фирма доставила барање за спроведување постапака за склучување пред договорот. Во барањето се известува за имот за катастарска Општина Гостивар во вкупна површина од 366 квадратни метри деловен простор, имот сопственост на државата, а со право на користење на УЈП во Гостивар и Централниот регистар – Гостивар“, појасни Трпеноски.

Ново возило од марката, како што наведе, се движи до сто и кусур илјади евра.