Израел не е против добар договор за нуклеарната програма на Иран

Израелскиот премиер Нафтали Бенет

Израелскиот премиер Нафтали Бенет изјави дека не се противи на „добар“ нуклеарен договор меѓу Иран и светските сили, иако изрази скептицизам дека разговорите што продолжија оваа недела може да резултираат со таков исход.

„На крајот на денот, се разбира дека може да има добар договор. Дали тоа во моментов според сегашната динамика се се очекува да се случи? Не, потребен е поцврст став“, рече Бенет.

Израел не е учесник во разговорите и се спротивстави на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и светските сили кој ја ограничи контроверзната иранска нуклеарна програма, велејќи дека тој не е доволно цврст.

Во минатото Израел го обвинуваше својот главен непријател Иран дека користи „нуклеарна уцена“ како договор за пазарење што му овозможи да се приближи до развојот на нуклеарно оружје.

Осмата рунда преговори со цел заживување на договорот, кој заглави по повлекувањето на Соединетите држави од договорот во 2018 година, беше отворена во Виена на 27 декември.

Иран, кој тврди дека неговата нуклеарна програма е само за цивилни цели, реагираше на повлекувањето на САД со постепено засилување на својата нуклеарна програма и збогатување ураниум далеку над праговите дозволени во првичниот договор.