Ковачевски до Брнз: Остануваме посветени на наоѓање решение со Бугарија

Кејт Мери Брнз и Димитар Ковачевски

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски денеска се сретна со амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз. Ковачевски, како што соопшти СДСМ, истакнал дека како претседател на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада ќе се води од принципите на заедништво, одговорност, посветеност и ефикасност, а тоа ќе го бара и од неговите соработници.

„Мојот став и принцип е нула толеранција за корупција на секое ниво, особено за носителите на високи, јавни функции. За таа цел, ќе се посветам на јакнеење на капацитетите на институциите кои се борат против корупцијата. Ефикасно, одговорно и посветено“, посочил Ковачевски.

Во однос на прашањето со Бугарија и евроинтеграцијата, Ковачевски оцени дека е потребно да се најде заедничко прифатливо решение.

„Ги имаме исполнето сите услови за почеток на преговорите. Остануваме посветени на наоѓање решение со соседна Бугарија за да продолжи нашиот европски пат. По изборот за премиер ќе го поканам господинот Петков да ја посети нашата земја. За нас е најважно да направиме план, заедно со бугарската влада, за отстранување на блокадата час поскоро, секако со заедничко прифатливо решение. Ние треба да останеме посветени и ангажирани во разговорите со искрен пристап. Ако ист таков пристап има и новата бугарска влада, верувам дека е можно да изнајдеме компромис за отворените прашања“, рече Ковачевски.

Амбасадорката Брнз, според соопштението, порачала дека САД продолжуваат да бидат најголемиот стратешки партнер на Северна Македонија, како во делот на спроведувањето на реформите, така и во евроинтегративниот процес. На средбата Ковачевски бил придржуван од секретарот за меѓународна соработка на партијата, Бојан Маричиќ.