Рускиот Врховен суд нареди затворање на Меморијалниот центар за човекови права, соопшти денеска еден од ограноците на групата. Случајот го покренаа обвинителите според контроверзниот закон за „странски агенти“, кој се почесто го користат официјални лица за затворање на невладините организации и медиумските групи во Русија.
Активистите за права велат дека нема правна основа за ликвидација на организацијата, која од крајот на 1980-тите е посветена на истражување и сеќавање на злосторствата на Советскиот Сојуз, како и на промовирање на човековите права во Русија и поранешните советски републики. Тие велат дека барањето на генералниот обвинител да се затвори Меморијалниот центар за човекови права е „политички мотивирана одлука“.
Според законот невладините организации кои добиваат странска помош, а владата смета дека се ангажирани во политичка активност, треба да се регистрираат како „странски агенти“ и да подлежат на ревизија.