Американски и руски претставници ќе одржат разговори за безбедност на 10 јануари во услови на зголемени тензии околу Украина, изјави претставник на Белата куќа. Билатералните разговори ќе се фокусираат врз контролата на нуклеарното вооружување и врз Украина, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа за АФП и Ројтерс. Претходно, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров потврди дека разговорите меѓу Вашингтон и Москва ќе се одржат некаде по рускиот православен Божиќ на 7 јануари.
Лавров- Голема рунда разговори меѓу Вашингтон и Москва по празниците
„Кога ќе седнеме да разговараме, Русија може да ги стави своите грижи на маса, а ние ќе ја ставиме нашата загриженост на маса поради активностите на Русија. Ќе има области каде што можеме да напредуваме и области каде што нема да се согласуваме“, рече портпаролот на Белата куќа. Русија и НАТО, исто така, најверојатно ќе одржат одделни разговори на 12 јануари, додека Русија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), која ги вклучува САД и нивните европски сојузници, ќе се сретнат на 13 јануари, рече портпаролот.
Украинскиот министер за одбрана ја обвини Русија дека се подготвува за можна офанзива
Тие разговори се очекува да се фокусираат врз зголемувањето на руските војници во близина на украинската граница и барањата на Кремљ за прекин на проширувањето на НАТО кон исток и воената соработка со земји како Украина и Грузија, меѓу другото. Доколку Советот НАТО-Русија се состане како што е предложено од шефот на Алијансата, Јенс Столтенберг, тоа ќе биде прв таков собир во последните 2 и пол години.