Ахмети, Лавров и Мајка Тереза

МАКЕДОНИЈА - Одбраната на обвинтиот поранешен шеф на УБК Сашо Мијалков бара од Јавното обвинителство да отвори предмет по допрен глас за Министерот Бојан Маричиќ, поради мешање во работата на судската власт. На денешната прес конференција адвокатскиот тим на Мијалков посочи дека со објавувањето имиња на судии, министерот за правда директно се вмешал во работата на судската власт чија независност е гарантирана со уставот. Тие се сомневаат дека тој имал директен контакт со некој од судиите кои одлучувале за притворот на Мијалков.

БЕЛОРУСИЈА - Авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко предложи измени на Уставот со кои си обезбедува правен имунитет од какво било потенцијално гонење и редистрибуција на моќта на националното Собрание. 67 годишниот Лукашенко денеска изјави дека уставните промени ќе бидат изгласани на референдум во февруари 2022 година.

ГРЦИЈА - Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 9.284 нови случаи на Ковид-19, што е рекорден број новозаразени на дневно ниво од почетокот на пандемијата. Во изминатото деноноќие починаа 66 лица, а 629 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците.

ИРАК - Врховниот суд на Ирак го отфрли случајот поднесен од фракциите поддржани од соседен Иран кои ги оспоруваат резултатите од парламентарните избори во октомври. Денешната одлука се смета за поттик за влијателниот шиитски свештеник Муктада ал-Садр, чие движење се сметаше за победник на изборите со заземање на речиси една петтина од парламентарните места, додека проиранската Алијанса Фатах претрпе значителен пораз.

МАКЕДОНИЈА - Бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници, зајакнат инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје и ограничување на градежни активности на објектите во надлежност на Град Скопје се дел од мерките кои најави дека ќе ги спроведе Градот Скопје по известувањето од Министерството за животна средина за дводневното надминување на законскиот пропишан минумум за квалитетот на воздухот.

РУСИЈА / БЕЛОРУСИЈА - Белорускиот суд во Минск осуди руски државјанин на 11 години затвор за неговите наводни дејствија против владеењето на белорускиот моќник Александар Лукашенко. 21-годишниот Јегор Дудников вели дека полицијата жестоко го претепала по неговото апсење, за наводно поттикнување омраза и повикување на акции за да и се наштети на Белорусија.

РУСИЈА - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров најави дека разговорите меѓу Вашингтон и Москва за безбедносните прашања ќе се одржат по завршувањето на руската празнична сезона и дека Русија сака воени претставници да бидат вклучени во преговорите со НАТО.

МАКЕДОНИЈА - Не треба да има предвремени парламентарни избори, затоа што имаме многу задачи за завршување, изјави денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети, по брифингот со новинари во седиштето на партијата во Мала Речица. Тој посочи дека евентуални нови избори ќе водат до нова непредвидливост. Тој додава дека е оптимист за набрзо можно изнаоѓање на решение за спорот со Бугарија.

ИНДИЈА - Владата на индискиот премиер Нарендра Моди ги замрзна банкарските сметки на Мисионерките на милосрдието на Мајка Тереза во Западен Бенгал, соопшти политичкиот лидер на сојузната државата, по протестите против божиќните прослави за време на викендот.

ПОЛСКА - Полскиот претседател Анджеј Дуда стави вето на контроверзниот закон за медиуми одобрен од пратениците. За многумина критичари овој закон има за цел замолчување на информативниот канал ТВН24, кој е во сопственост на САД и кој ја критикуваше владата.