Белорускиот суд во Минск осуди руски државјанин на 11 години затвор за неговите наводни дејствија против владеењето на белорускиот моќник Александар Лукашенко. 21-годишниот Јегор Дудников вели дека полицијата жестоко го претепала по неговото апсење, за наводно поттикнување омраза и повикување на акции за да и се наштети на Белорусија.
Обвиненијата произлегуваат од тоа што Дудников наводно учествувал во подготвување материјали на интернет во врска со масовни собири во Белорусија против официјалните резултати од претседателските избори во август 2020 година, кои на Лукашенко му доделија шести последователен мандат на функцијата.
Обвинителите велат дека од јануари до мај, Дудников поставил најмалку 55 објави за протестите на каналот Телеграм управуван од таканаречените „Групи за граѓанска самоодбрана на Белорусија“, организација која власта ја означи како екстремистичка и забранета во Белорусија по минатогодишните протести.
Дудников е еден од десетиците во Белорусија на кои им се судеше во последните месеци откако властите брутално ги задушија протестите по минатогодишните претседателски избори.
Активистите за права и опозициските политичари велат дека изборите биле наместени за да се продолжи 26-годишното владеење на Лукашенка. Илјадници демонстранти беа приведени за време на протестите низ целата земја и имаше веродостојни извештаи за тортура и малтретирање од страна на безбедносните сили.
Допинисник на РСЕ во Белорусија задржан од маскирани лица
Неколку луѓе загинаа за време на акцијата со која се задушија протестите.
Многу опозициски лидери во Белорусија беа уапсени или принудени да ја напуштат земјата, додека Лукашенко одби да преговара со опозицијата.
Соединетите држави, Европската унија и неколку други земји одбија да го признаат Лукашенко како победник на изборите и воведоа неколку рунди санкции против него и неговиот режим, наведувајќи ги изборните измами и полициската акција.