Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров најави дека разговорите меѓу Вашингтон и Москва за безбедносните прашања ќе се одржат по завршувањето на руската празнична сезона и дека Русија сака воени претставници да бидат вклучени во преговорите со НАТО. Тој во интервју за про-Кремљ медиум изјави дека во план е „голема рунда разговори за безбедноста со Соединетите држави што ќе се одржи веднаш по крајот на новогодишните празници“.
Овие коментари на Лавров доаѓаат во време на засилени тензии меѓу Москва и Вашингтон поради масивното трупање руски војници во близина на украинската граница и барањата на Кремљ да нема натамошно проширување на НАТО, меѓу другите „гаранции“ за руската безбедност.
Претседателот Владимир Путин, говорејќи на 23 декември за време на неговата годишна прес-конференција, го повика Западот „веднаш“ да ги исполни барањата, наведувајќи низа поплаки за Украина и НАТО.
Путин ќе размисли за опциите ако Западот не ги исполни безбедносните барања
Путин во интервју емитувано на руската државна телевизија на 26 декември изјави дека ќе размисли за различни опции доколку Западот не ги исполни барањата на Москва.
„Одговорот на Русија може да биде разновиден. Ќе зависи од тоа какви предлози ќе ми поднесат нашите воени експерти“, изјави Путин.
На Путин му се брза да добие одговор од Запад – блеф или?
Лавров денеска изјави дека Русија сака да вклучи свои воени претставници во каква и да бидат форма разговорите со НАТО. Тој ја критикуваше западната безбедносна алијанса, повторувајќи ја позицијата на Москва дека не може да остане рамнодушна на перцепираната агресија на НАТО на „прагот“ на Русија.
„НАТО сега е чисто геополитички проект за развој на територија што стана без сопственици по исчезнувањето на Варшавскиот пакт и по распадот на Советскиот Сојуз“, изјави тој.
Коментарите на Лавров дојдоа еден ден откако руското Министерство за надворешни работи призна дека генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предложил да се одржи состанок на Советот НАТО-Русија на 12 јануари. Кремљ сè уште не соопшти дали ќе учествува.
Советот НАТО-Русија беше формиран во 2002 година, но моментално е неактивен поради конфликтот на истокот на Украина меѓу сепаратистите поддржани од Русија и украинските владини сили.