Не треба да има предвремени парламентарни избори, затоа што имаме многу задачи за завршување, изјави денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети, по брифингот со новинари во седиштето на партијата во Мала Речица. Тој посочи дека евентуални нови избори ќе водат до нова непредвидливост. Тој додава дека е оптимист за набрзо можно изнаоѓање на решение за спорот со Бугарија.
„Ако сакаме да имаме стабилна ситуација и оддржлива, унапредена во правец на решавање на евроатланските прашања, ние имаме огромна потреба да го решиме спорот и да ги надминеме разликите кои ги имаме со Бугарија во однос на договорот за добрососедство. Сметам дека прашањата се унапредени, досега ги имавме предвид потешкотиите кои се соочуваше Бугарија, со изборите и со формирањето на парламентарното мнозинство и основањето на институциите. Сметам дека разликите се доближени“ изјави Ахмети.
СДСМ вечерва одлучува за ново партиско раководство, но не и за министри
Тој потенцира дека претходно од бугарска страна се потенцираше барањето бугарското малцинство да биде вклучено во Уставот на земјата и дека ова прашање сега е усогласено.
„Ние прифаќаме да ја направиме ова промена и прифаќање на бугарското малцинство, што е право на секој да се изјасни така како што се чувствува. Овој принцип функционирал и ќе функционира и понатаму“, додаде Ахмети.
Во однос на јазикот, Ахмети истакна дека конструктивноста на двете држави ќе помогне за решавање на овој спор, потенцирајќи дека е прифатливо решението што е формулирано во Договорот со Бугарија, посочувајќи дека Албанците се солидарни со своите сограѓани Македонци за решавање на овој спор и за надминување на овие разлики, од причина што „не поврзуваат заедничките интереси“.
Тој посочува дека очекува позитивен епилог по стартот на новата година, иако како што вели, ова прашање е потешко од тоа што земјава го решаваше со Грција. Ахмети порача партиите да не прават дневна политика од ова прашање оти треба да се чуваат долгорочните државни интереси. Лидерот на ДУИ е дециден дека со зачленувањето во НАТО за 100 отсто е зголемен интересот на странските и домашни инвеститори.