Полскиот претседател Анджеј Дуда стави вето на контроверзниот закон за медиуми одобрен од пратениците. За многумина критичари овој закон има за цел замолчување на информативниот канал ТВН24, кој е во сопственост на САД и кој ја критикуваше владата.
„Ставам вето“, рече Дуда во телевизиска изјава по жестоките критики за законот од страна на ЕУ и САД.
Пратениците во Полска го изгласаа законот претходно овој месец. Со законот се спречува компаниите кои се надвор од ЕУ да имаат удел во полските медиумски компании.
Информативниот канал ТВН24 е во сопственост на американската медиумска компанија Дискавери. Со новиот закон Дискавери ќе мора да го продаде мнозинскиот удел во ТВН24, една од најголемите полски приватни ТВ мрежи.
Полската Влада тврди дека со законот ќе се заштити медиумскиот пазар од потенцијални непријателски актери како Русија.
Дуда вели дека се согласува со тој принцип, но дека тоа не треба да се применува на веќе постоечките партнери и на договорите за инвестиции.
Полскиот претседател го врати законот на повторно разгледување во Парламентот.
Илјадници Полјаци претходно месецов протестираа против законот пред претседателската палата во Варшава.
Дискавери соопшти дека со законот може да се вознемират сите фирми кои вложуваат во Полска и сите кои се залагаат за демократија и за слободна на медиумите.