Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) соопшти дека поднело обвинение против Новица Трипковиќ, викан Војводата од Гацко, за злосторства против човештвото извршени во регионот на Фоча за време на босанската војна 1992-1995 година.
„Обвинетиот се товари дека извршил воени злосторства за силување на две жртви од бошњачка националност заробени и незаконски притворени во областа Фоча како дел од широк и систематски напад на воените, паравоените и полициските сили на војската на Република Српска против бошњачкото цивилно население во општина Фоча“, се вели во соопштението на Обвинителството издадено на 27 декември.
Обвинението е доставено до Државниот суд на Босна и Херцеговина за потврда, се додава во соопштението.
Соопштението доаѓа во време кога Агенцијата за истрага и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА) изврши серијата апсења за воени злосторства.
Според податоците на меѓународните организации, војните во Југославија зад себе оставија околу 30 илјади жени и три илјади мажи жртви на сексуални насилство. Според податоците во БиХ се силувани околу 20 илјади жени.
За време на војната во БиХ во Фоча се убиени околу 3000 Бошњаци, а се уште се трага по 627 жртви. Во Фоча за време на војната на неколку локации, како во спортската сала „Партизан“ во центарот на градот биле водени жени и девојки и биле силувани.
Пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг, пред Судот во БиХ, и пред уште четири судови се изречени вкупно 19 пресуди за воени злосторства на подрачјето на Фоча.