СДСМ вечерва одлучува за ново партиско раководство, но не и за министри

Димитар Ковачевски, нов претседател на СДСМ.

Вечерва во 19 часот ќе започне седницата на Централниот одбор на СДСМ во седиштето на партијата, соопштија од владејачката партија. На седницата се очекуваат одлуки за ново партиско раководство. За заклучоците и одлуките на ЦО, ќе информираат по завршување на седницата.

Се очекува на Централниот одбор на СДСМ новиот лидер на партијата Димитар Ковачевски и официјално да биде потврден како кандидат за нов премиер. На седницата на ЦО треба да се гласа и за избор на нови потпретседатели, генерален секретар и Извршен одбор на СДСМ, но не и за министерските функции во новиот владин кабинет.

Министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски утрово поднел оставка од функцијата потпретседател во партијата. Тој претходно најави дека новиот мандатар кој вечер треба да биде предложен и избран од партијата треба да си состави нов тим. Спасовски денеска на брифинг со новинарите информираше дека вечерва ќе учествува на седницата во СДСМ.