Дополнителни рестрикции не треба да се прават, ниту поради Омикрон, ниту поради евентуален нов сој на коронавирусот, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Гинеколошката клиника во Чаир.
Тој вели дека во моментов нема знаци на влошување на епидемиолошката состојба и дека сите треба да се научат да живеат со општите превентивни правила и да се зголеми степенот на вакцинација, оти, како што вели, тоа е излезот од кризата.
„Не можеме ние за секој еден сој, без разлика на карактеристиките, сè до еден момент додека не ја влошува ситуацијата, да воведуваме дополнителни рестриктивни мерки. Сметам дека тоа што се бара задолжителна вакцинација, мерките за да не се преполнуваат затворените простории, навистина се сосема доволни. Животот постепено се нормализира, некаде е целосно нормализиран“, рече Филипче.
Бројот на активни случаи во земјава падна под 5000.
Тој вели дека засега има само еден регистриран случај на заразен со Омикрон, утврден кај човек што се вратил од Британија.
Министерот кој нема да биде дел од новата Влада, вели дека не му остава товар на новиот министер, со тоа што нема нови рестриктивни ковид мерки, оти во болниците нема многу пациенти болни од коронавируост.
Многу земји во светот за божиќните и новогодишните празници воведоа дополнителни рестрикции поради ширењето на новиот Омикрон сој кој е позаразен.