Зошто се важни студентските собранија?

Ева Цветковска, претседателка на Универзитетско студентско собрание при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Легитимитетот на претставниците на студентите ги става студентските собранија во позиција на единствени застапници на инстересот на студентите. Авторка на колумната: Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Со Законот за високото образование од 2018 за прв пат во историјата на студентското организирање во државава се воведуваат легитимни претставнички тела на студентите, студентски собранија, избрани на непосредни, фер и демократски избори од страна на самите студенти. Легитимитетот на претставниците на студентите ги става студентските собранија во позиција на единствени застапници на инстересот на студентите. Легитимитетот на собранијата ни овозможи конечно да станеме полноправни учесници во процесот на донесување на одлуки дали на ниво на факултет, дали на Универзитет или пошироко на национално ниво за прашањата поврзани со високото образование и студентскиот стандард. Со други зборови, конечно сме прашани да дадеме збор за проблематики за кои до сега одлучуваа проќелавени седи мажи во наше име.

Од 1948 година па до сега, најразлични облици на невладини организации беа самопрозваните застапници на студентскиот интерес кои својата моќ ја црпеа од партиско политичката поставеност во нашето општество, а не од изборот на студентите. Низ годините овие организации во главно профитираа од нивната позиција на „студентски лидери“, наместо да работат на студентските прашања и подобрување на позицијата на студент во нашето општество. На кратко, студентските сојузи, парламенти итн. беа привезоци на политичките партии кои во дадениот момент биле на власт, преку кои тие си ја канализираа својата агенда и моќ меѓу студентите. Сето ова допринесе институциите да не ги сфаќаат студентските потреби и интереси доволно сериозно.

Ова меѓу другото е една од причините зошто гласот на студентите за жал до сега многу малку се слушаше. Тоа што со години барањата на студентите одекнуваа во ехо, без никаков одговор од надлежните за нивните потреби, без студентските претставници организирано и систематизирано да го застапуваат и штитат студентскиот интерес, создаде апатија меѓу студентите. Како да чукаш на врата, слушаш звуци од внатре, а никој не отвора. После некое време чукањето веќе губи смисла, и надежта дека некој ќе отвори полека исчезнува.

Видете и ова: Идеологијата им продава на младите теснограда слика за светот


За среќа остана една мала група на студенти која не ја изгуби надежта и фати залет кон вратата и ја урна, сега сме во универзитетот и факултетите. Можеме да одлучуваме, а огромен број студенти се’ уште стојат пред прагот на ширум отворената врата. Апатијата е толку длабоко навлезена во порите на студентскиот дух, и за жал интересот меѓу студентите за учество во студетските собранија и органите на високото образование е многу мал.

Сепак, победа е што новиот Закон ги става студентите во позиција на decision makers и оптимистична сум дека пополека ќе почнеме да ја сфаќаме моќта која ја имаме во наши раце, и одговорноста која оваа моќ ја сноси. На ниво на факултет, претседателот

на факултетското студентско собрание е член на деканатската управа, заедно со деканот и продеканите. Факултетското студентско собрание избира соодветен број на студенти да бидат членови на научно наставничките совети, каде се одлучува за сите прашања на факултетот рамо до рамо со сите професори. Аналогно на ова, претседателот на Универзитетското студентско собрание е полноправен член на Ректорската управа, и го дава својот глас за одлуките што се носат на ниво на Универзитет заедно со ректорот, проректорите и деканите на сите факултети. Универзитетското студентско собрание избира 9 студенти да учествуваат во работата на Сенатот на Универзитетот, највисокото тело на целиот Универзитет. Дополнително, испраќаме претставници на студентите во сите комисии на Универзитетот и на тој начин директно ги насочуваме и обликуваме одлуките уште пред да дојдат на гласање.

На национално ниво, студентите од универзитетските собранија се членови во телото Млади МОН преку кое директно поднесуваме барања до Министерството за образование и наука за прашања кои го тангираат студентот и квалитетот на високото образование. До сега, барањето за воведување субвенциониран студентски оброк и зголемување на студентските стипендии, се барања токму поднесени од страна на Универзитетското студентско собрание на УКИМ и прифатени од страна на Министерството.

Видете и ова: Студентите – жртви на сопствената кауза


Членувањето во студентските собранија е простор за реализација на идеите и проектите на студентите, тука сме да си помагаме и да се поддржуваме. УСС веќе две години по ред организира 5 студентски научни конференции, реализира разни работилници и едукации во соработка со факултетските студентски собранија, објавува конкурси и повици и така натаму. Овој мандатен период 2 идејни архитектонски решенија на студентите ќе станат реалност, односно студентскиот културен центар и читалната на техничкиот кампус ќе бидат изградени по идеја на победниците на студентските конкурси.

Студентската борба е на самиот почеток, и институциите се’ уште не се навикнати да ги сфаќаат нашите барања сериозно. Но за да биде успешна до крај, институциите да почнат навистина да не слушаат и да не останат сите права само на хартија, потребна ни е поддршка од студентите. Моментално студентските собранија се држат на грбот на исклучително мал број студенти, и тоа го ослабува отпорот и притисокот кој треба да го создаваме. Потребно ни е што поголем интерес на студентите за зачленување во студентските собранија и омасовување на организирањето. Само на тој начин, солидарни и организирани, ќе успееме да ја афирмираме позицијата студент во нашето општество.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.