Талибанците денеска објавија дека жените кои сакаат да патуваат на подолги релации мора да бидат во придружба на маж од поблиското семејство. Ова е нов знак на заострување на политиките во Авганистан и покрај првичните ветувања дека тоа нема да се случи.
„Жените кои патуваат подалеку од 45 милји (72 километри) не можат да одат без придружба од еден близок член на семејството“, изјави портпаролот на Министерството за промоција на доблести и спречување пороци за Франс прес.
Тој додаде дека придружбата мора да е од машки член на семејството.
Оваа директива се носи неколку недели откако Министерството испрати барање до авганистанските телевизии веќе да не емитуваат серии во кои играат жени и да се осигураат водителките да носат „исламски вел“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Талибанците не прецизираат што мислат под „исламски вел“ и дали се работи само за марама која ја носат повеќето авганистански жени или за вел кој покрива повеќе.
Од преземањето на власт во август, талибанците воведоа разни ограничувања за жените и девојчињата, и покрај првичните ветувања според кои нивниот режим ќе биде помалку строг отколку за време на нивното прво владеење од 1996 до 2001 година.
Во повеќе провинции, локалните власти прифатија повторно да ги отворат училиштата за девојчиња, иако многу девојчиња ширум земјата и понатаму не можат да одат на школо.
Активистите се надеваат дека настојувањата на талибанците да бидат признаени од меѓународната заедница и повторно да добијат помош неопходна за земјата ќе ги натера да направат отстапки.
За време на првото владеење на талибанците беше воведено задолжително носење бурка за жените. Тие не можеа да го напуштат домот без машка придружба и немаа право да работат или да одат на школо.