ВМРО-ДПМНЕ: Откажувањето на продажбата на Славија е признание на матниот бизнис

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски на прес-конференција пред седиштето на фирмата Славија во Скопје

Агенцијата за управување со одземен имот ја известила берзата дека се откажува продажбата на акциите на АД Славија, соопшти опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа, според партијата, е признание на матниот бизнис, откако ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека владата се обидува за 200 илјади евра да продаде имот вреден 100 пати повеќе.

„Само управната зграда на Славија со земјиштето под и околу неа има вредност од над 9 милиони евра, магацините во Кисела Вода имаат вредност од над 4 милиони евра. Бројните деловни простори и магацини од околу 6 милиони евра. И сето ова некој близок до власта требаше да го земе за 200 илјади евра“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Власта негираше дека Славија вреди толку многу, но призна дека нема направено нова проценка на имотот. Последната проценка е од 2012 година. Според неа, Славија има имот од 25 милиони евра и долгови од 17 милиони евра.