Рама преку прашалник ќе бара мислење од Албанците за „Отворен Балкан“

Состанок во Тирана на лидерите на иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Република Албанија Еди Рама и македонскиот премиер Зоран Заев.

Албанскиот премиер Еди Рама најави дека ќе биде испратен прашалник до Албанците за да дадат мислење за иницијативата „Отворен Балкан“. По денешна седница на Владата, Рама рече дека била донесена посебна одлука за национална консултација за важни прашања поврзани со економијата, општеството и надворешните односи на Албанија.

„Со прашалник кој ќе го ставиме на располагање на сите Албанци, внатре или надвор од државата, ќе му дадеме живот на едно народно собрание каде што ќе го апсорбираме нивното мислење за прашање од стратешко значење за државата, за економијата, за нашето општество“, рече Рама.

Иницијативата за соработка „Отворен Балкан“ ги вклучува Србија, Албанија и Северна Македонија и предвидува слободна на движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу трите земји.

Иницијаторите досега не успеаја да ги привлечат другите три земји од регионот: Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Пред неколку дена беа одржани протести во Тирана против „Отворен Балкан“. Поддржувачи на поранешниот албански премиер Сали Бериша учествуваа на собирот и протестираа против иницијативата и посетата на земјата на српскиот претседател Александар Вучиќ. Бериша смета дека иницијативата ја фаворизира Србија.

Рама денеска рече дека е време да ги остават зад себе замките на политичките судири и да размислуваат за работите што ги обединуваат за да направат важни чекори напред. Тој додаде дека освен неговите и убедувањата на албанската Влада, дека постојат и луѓе кои веруваат дека создавањето на „Отворен Балкан“ ќе биде „вистинска работа“ во функција на регионалниот и поширок простор.

„Но има и други кои сметаат дека оваа иницијатива не носи придобивки, туку е на штета на Албанија и нејзините национални интереси. За ова ќе им се обратиме на сите Албанци, за до го добиеме нивното мислење“, рече Рама