Соединетите Американски Држави соопштија дека рускиот упад во Украина ќе го принуди НАТО да ја зголеми помошта за Киев и да донесе повеќе сили поблиску до Москва.
„Доколку Русија продолжи со она што можеби е во тек, ние и нашите сојузници сме подготвени да наметнеме висока цена што би ја оштетила руската економија и ќе го донесат токму она што таа вели дека не го сака- повеќе капацитети на НАТО, а не помалку и поблиску до Русија, а не подалеку “, рече висок претставник на американската администрација на брифингот на 23 декември.
Официјалниот претставник рече дека Соединетите Држави се подготвени да се вклучат во дипломатски разговори со Русија во почетокот на јануари во однос на безбедносните барања што Москва ги испорача месецов. САД се подготвени за билатерални разговори, но и разговори преку НАТО и ОБСЕ, додаде тој.
„Секој дијалог мора да се заснова на реципроцитет, што значи дека и ние имаме свои грижи што ќе ги ставиме на маса“, рече високиот функционер.
Официјалниот претставник додаде и дека сè уште не е одреден датумот и местото каде што би се одржале разговорите меѓу Вашингтон и Москва. Сепак тој повтори дека некои од барањата на Русија се неприфатливи.