Рио Сава планира да го запре проектот Јадар, изјави Весна Продановиќ, извршната директорка на компанијата која е подружница на британско-австралискиот рударски гигант Рио Тинто кој планираше да експлоатира литиум во Србија. Таа за агенцијата Бета изјави дека тоа ќе се направи за да се почне јавен дијалог со кој жителите би се запознале со сите аспекти на проектот.
„Проектот Јадар е планиран во законски рамки, но нема да се преземат чекори кои дополнително може да ги загрижат жителите“, рече Продановиќ.
Проектот Јадар што го најави Рио Тинто опфаќа изградба на рудник и експлоатација на минерали во близина на српската општина Лозница, но граѓаните од тој дел на Србија и еколошките активисти се спротивставија на неговата реализација стравувајќи од лошото влијание врз животната средина.
Продановиќ во интервју за Бета вели дека одлуката на Град Лозница за укинување на Просторниот план компанијата ја гледа како знак дека е потребно дополнително да се презентираат одредени аспекти од проектот до надлежните институции.
Месецов собранието на Лозница го укина просторниот план со кој се предвидуваше изградбата на рудникот. На сето ова му претходеа протести на кои излегуваа десетици илјади граѓани и еколошки активисти и ги блокираа најважните сообраќајници низ земјата. Протестите се одржуваа три саботи по ред и беа организирани со барање за повлекување на законите за експропријација и за референдум.
Владата на Србија на 8 декември донесе одлука за повлекување на Законот за експропријација од собраниска процедура откако претходноо претседателот на Србија Александар Вучиќ го врати на повторно разгледување. Два дена подоцна, на 10 декември, беа донесени и измените на законот за референдум. Двата закона првично беа изгласани на 26 ноември, а по протестите следуваа нивните измени.