Алех Хрузџилович, дописник на белорускиот сервис на Радио Слободна Европа бил фатен и задржан од маскирани лица кои упаднале во неговиот дом во Минск, објави организација за човекови права. Засега нема други информации по денешната објава на организацијата „Вјасна“ (Пролет) која има седиште во главниот град на Белорусија Минск.
Извештајот за киднапирањето на Хрузџилович доаѓа веднаш откако Белоруското Министерство за внатрешни работи, исто така денеска, го додаде белорускиот сервис на РСЕ, локално познато како Радио Свабода, во регистарот на екстремистички организации.
Ваквата одлука се смета за задушувањето на независните медиуми и граѓанското општество, акција која тамошните власти ја почнаа по протестите против авторитарниот лидер Александар Лукашенко. Тој тврди дека победил на минатите претседателски избори, а опозицијата пак тврди дека се наместени по што и дојде до протестите.
Хрузџилович и друга дописничка на Радио Слободна Европа Ина Стуџинскаја на крајот на јули беа во 10 дневен затвор откако беа уапсени како дел од нападот на Лукашенко врз медиумите.