Тројцата портпароли на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, Димче Арсовски и Марија Митева кои беа предложени за членови на управни одбори на скопски јавни претпријатија попладнево соопштија дека се откажуваат од номинациите.
Стоилковски беше предложен за член на управниот одбор на Јавното сообраќајно претпријатие, а Арсовски и Митева за членови на Водовод и канализација. За предлог-одлуката за именување на нови членови потпишана од група советници требаше да се гласа на седницата на Советот на Град Скопје која е закажана за во среда.
И тројцата во објавите на своите профили на социјалната мрежа Фејсбук наведоа дека ако биле во управните одбори јавно ќе ги објавеле „криминалите“ на компаниите, но се повлекувале поради оцрнувањето на нивните имиња од СДСМ.
Претходно од СДСМ на прес конференција ја обвинија градоначалничката на Скопје Данела Арсовска дека „тргнува во груба партизација на јавните установи и Јавните претпријатија под надлежност на Градот“. Покрај имињата на тројцата портпароли на ВМРО-ДПМНЕ тие ја споменаа и актерката Јелена Жугиќ, која е членка на опозициската партија, наведувајќи дека е предложена за во управниот одбор на Младинскиот културен центар. Од таму наведоа дека таа била со години дел од режимот и „бараше кон граѓаните да се пука со гумени куршуми“.