Додик - Можен распад на БиХ доколку не се реши кризата

Милорад Додик - член на Претседателството на БиХ. 

Ако оваа криза не се реши, можен е распад на Босна и Херцеговина и Република Српска и никој не треба да се сомнева во тоа, изјави денеска Милорад Додик - член на Претседателството на БиХ.

Тој на прес-конференција во источно Сараево оцени дека ситуацијата во БиХ е „доведена до апсурд“ и ја повика Европската унија „да престане да ја смета БиХ за експеримент“.

„Два од трите конститутивни народи не го поддржуваат патот по кој оди БиХ на начинот на кој муслиманите во БиХ го замислиле, во кој Хрватите би ги избирале „нивните“ претставници, а на Србите да им се одземаат шумите, конфискуваат земја и потоа уште ќе бараат ние да аплаудираме. Таа БиХ е невозможна“, рече Додик.

Тој рече дека двете најважни земји за Босна и Херцеговина се Србија и Хрватска и додаде дека „односите на муслиманското раководство никогаш не биле полоши со Хрватска, а ниту пак дека се добри со Србија“.

„Кога на тоа ќе се додаде дека се вклучија во конфликти со Унгарија, тоа е сосема непотребно. Особено оркестрирани со многу омраза, создаваат приказна за тоа како тука постојано се шири некакво руско малигно влијание. Се обидуваат да ја опустошат српската и хрватската страна. Невозможно е да постои таква БиХ. Неопходно е што поскоро да се нормализираат односите со Србија, Унгарија, Хрватска, Кина“, рече Додик.

Додик рече и дека сегашната генерација „има шанса да ја зачува БиХ, а дека следната генерација нема да ја има таа шанса“.

Додик најави дека претставниците на ентитетите на РС ќе се вратат во институциите на БиХ доколку се повлече одлуката за забрана на негирањето на геноцидот, наметната од поранешниот висок претставник Валентин Инцко.

Додик зборуваше по седницата на Претседателството на БиХ, на која гласаше против сите точки од дневниот ред.

Политичките претставници од РС ја блокираа работата на државните институции од крајот на јули, кога поранешниот висок претставник во БиХ Валентин Инцко наметна измени во Кривичниот законик на БиХ, со кој се забранува негирање на геноцид и воени злосторства.

Обвинителството на БиХ го оформи предметот „Напад врз уставниот поредок на БиХ“ и започна со распит на лидерите на политичките партии. Агенцијата за истрага и заштита (СИПА) на Босна и Херцеговина побара документација од шест партии од владејачката коалиција во Република Српска.