Шефот на делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина Јохан Сатлер, во разговор за австриско радио изјави дека во БиХ де факто е на сила блокада на највисоките и најважните институции и дека постои можност за реакција на ЕУ.
„Имаме блокада на Претседателството, Парламентот и Советот на министри. Ништо не напредува. Дејствувањето на босанските Срби, не само што е против правилата, туку и спротивно на барањата за пристап во ЕУ“, рече Сатлер.
Како што рече, постојат различни начини да се реагира на тоа, а „финансиските грантови се еден начин за јасно да се укаже дека нешто е спротивно на правилата“, вели Сатлер.
Шефот на Делегацијата на ЕУ рече дека Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ и лидер на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), се обидува да создаде нова фактичка состојба, иако сè уште ништо не се случило.
„Ова може да се сфати и како обид на Милорад Додик да ја принуди другата страна, Бошњаците, на преговарачка маса“, рече Сатлер.
Најавите за отцепување и трансфер на надлежностите од БиХ на РС започнаа кога поранешниот висок претставник Валентин Инцко во јули наметна измени во Кривичниот законик на БиХ и го забрани негирањето на геноцидот.
Политичарите на РС почнаа да ја блокираат работата на државните институции и најавија „враќање на надлежностите“ во областа на одбраната, судството и полицијата од државно ниво на БиХ на ниво на ентитети.
На седницата на Народното собрание на Република Српска беше иницирано неуставно пренесување на надлежностите од државата на ниво на ентитетот на РС.
Унгарската влада се спротивстави на воведување на санкции за Милорад Додик, како што предложи Германија.
Обвинителството на БиХ оформи предмет „Напад врз уставниот поредок на БиХ“ и започна со распит на лидерите на политичките партии. Агенцијата за истрага и заштита (СИПА) на Босна и Херцеговина побара документација од шест партии од владејачката коалиција во Република Српска.