Германскиот министер за здравство:Веројатно ќе биде потребна четврта доза вакцина

илустрација

Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах очекува зголемување на бројот на заразени со вирусот околу Нова година и изјави дека најверојатно ќе биде потребна четврта доза од вакцината за да се одржи најдобриот имунолошки одговор на ковид 19.

Лаутербах за германскиот јавен радио сервис WDR 2 изјави дека Германија сè уште не видела брз и моќен бран на нови инфекции со омикрон сојот, како другите европски земји.

„Тоа ќе се промени околу Нова година и во првата недела од јануари“, рече Лаутербах.

Властите бараат од граѓаните да ги ограничат контактите за време на празничниот период и да се вакцинираат, вклучително и со „бустер“ дози. Официјалните податоци покажуваат дека 70,7% од населението биле ревакцинирани, додека 35% ја примиле третата доза.

Демонстрации против новите ограничувања за време на пандемијата, како што се задолжителните вакцини, се одржуваат низ Германија во последните неколку недели. Полицијата соопшти дека околу 5.000 демонстранти се собрале во центарот на Минхен вчера, а некои од нив нападнале полицајци. Во инцидентите се приведени 11 лица.

Новиот германски канцелар, Олаф Шолц, претходно најави дека земјата ќе воведе нови мерки за спречување на ширењето на Ковид-19 до Нова година.

Ова вклучува ограничување на приватните собири на вакцинирани лица на максимум десет лица, затворање клубови и дискотеки и одржување големи настани, вклучително и фудбалски натпревари, без гледачи.