Фармацевтскиот гигант АстраЗенека тврди дека третата доза од нивната вакцина против ковид 19 значително го зголемува нивото на антитела против сојот омикрон, соопштија во четвртокот на 23 декември од оваа компанија.
Според една лабораториска студија, „бустер“ доза од вакцината го неутрализира сојот омикрон на ниво слично на она по втората доза во случај на соеви делта, соопштија денеска од оваа компанија.
Нивоата на антивирусни антитела исто така беа повисоки кај оние кои примиле бустер вакцина отколку кај оние кои прележале ковид 19.
Студијата ја спроведе Универзитетот во Оксфорд, кој и помогна на оваа фармацевтска компанија да ја развие оваа вакцина минатата година.
Светската здравствена организација (СЗО) пак предупреди дека брзањето на богатите земји да обезбедат дополнителни дози на вакцината ги продлабочува нееднаквостите во пристапот до вакцините кои ја продолжуваат пандемијата.
Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, претходно нагласи дека приоритет мора да биде вакцинирањето на сиромашните, а не дополнителни дози за оние кои веќе примиле две дози од вакцината.