Искарани, помилувани, притворени

МАКЕДОНИЈА - Министерот за правда и владејачката СДСМ реагираа на денешната одлука на Апелацискиот суд да ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра и да го пушти од притвор поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. 12 часа по одлуката за ослободување од притвор со кауција, Судот му одреди друг притвор, од 30 дена, на Мијалков, овој пат за случајот Плацеви на Водно.

МАКЕДОНИЈА - Зоран Заев ја депонираше оставката до Собранието. Во писмениот документ што е пристигнат до претседателот на Парламентот се наведува дека Заев поднесува оставка од функцијата претседател на Владата и наведува дека истата нема усно да ја образложи. Во писмото Заев вели дека на ваква одлука се решил по исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.

МАКЕДОНИЈА - Градоначалникот на Град Скопје Данела Арсовска е нов претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). За потпретседатели се избрани градоначалниците на Чаир и на Валандово, Висар Ганиу и Перо Костадинов. Таа рече дека поинтензивно ќе се посвети на процесот на децентрализација кој се одвива повеќе години наназад.

БИХ - Членот на Претседавателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик изјави дека ќе забрани во Република Српска делување на правосудните институции во Босна и Херцеговина. До ова доаѓа откако дел од босанските медиуми објавија дека обвинителството на Босна и Херцеговина води истрага против 13 лица поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело напад врз уставниот поредок на БиХ. Првоосомничен во оваа истрага лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи и српски член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.

ИЗРАЕЛ - Изралескиот премиер Нафтали Бенет денеска на состанокот со американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан го потврди противењето на Израел на преговорите за обновување на нуклеарниот договор со Иран од 2015 година.

САД - Канцеларијата на ОН за човекови права соопшти дека Белорусија и Полска ги принудуваат мигрантите и бегалците напред-назад преку нивната граница, честопати оставајќи ги без храна, чиста вода или безбедно засолниште.

ТУРЦИЈА - Турската лира на 22 декември го задржа растот откако се врати од рекордно ниското ниво поради новите мерки што ги најави претседателот Реџеп Таип Ердоган за заштита на заштедите во националната валута од големи флуктуации.

БУГАРИЈА - Министерот за одбрана на Бугарија Стефан Јанев вели дека нема потреба да се распоредуваат војници на НАТО во таа земја како одговор на трупањето на руските војници во близина на границата со Украина.

УНГАРИЈА - Унгарија нема да ја промени својата имиграциска политика и покрај неодамнешната пресуда на Врховниот суд на Европската унија дека е спротивна на законите на Унијата, изјави премиерот Виктор Орбан, наведувајќи дека Унгарија ќе продолжи да ја следи својата сегашна миграциска политика.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин повика на сериозни разговори со НАТО за руските предлози за безбедносни гаранции што ги бара Москва, соопшти Кремљ. Тоа го изјави Путин при првиот телефонски разговор со новиот германски канцелар Олаф Шолц, соопшти Кремљ, наведувајќи дека рускиот претседател му ги пренел на Шолц деталите за предлозите кои неодамна беа испратени до НАТО и САД

МАКЕДОНИЈА - Ако цената на европските интеграции значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции, рече претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците.