Зоран Заев ја депонираше оставката до Собранието. Во писмениот документ што е пристигнат до претседателот на Парламентот се наведува дека Заев поднесува оставка од функцијата претседател на Владата и наведува дека истата нема усно да ја образложи. Во писмото Заев вели дека на ваква одлука се решил по исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.
„Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата“, стои во писмото на Заев до претседателот на Парламентот Талат Џафери и до пратениците.
Заев вели дека со тоа што си поднесува оставка сака да остави пример и за идните лидери, а и да даде придонес кон јакнењето на демократскиот капацитет на народот.
„Времето ќе покаже дека оваа моја одлука е во согласност со мојата определба да бидам политичар кој презема одговорност за да бидат донесени тешки, но историски важни одлуки за добрата и сигурна иднина на нашиот народ и на државата, без притоа грижата за личниот политички рејтинг да ја ставам пред државните интереси“, наведува Заев во писмото.
Заев пет години беше на функцијата премиер.