Министерот за правда и владејачката СДСМ реагираа на денешната одлука на Апелацискиот суд да ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра и да го пушти од притвор поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека одлуката на Апелацискиот суд за Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите.
Маричиќ вели дека Мијалков бил лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност.
„Судиите на Апелациониот суд во Скопје Ѓоко Ристов и Енвер Беџети кои ја донесоа оваа одлука треба да и објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по која основа судиите ја донеле оваа одлука, напиша Маричиќ на Фејсбук.
Од владејачката СДСМ велат дека одлуката е скандалозна и е силен удар врз правдата од страна на судиите во Апелациониот суд во Скопје.
„Судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети јавно да излезат и да пред целата јавност да кажат како е можно за лице со вкупни пресуди од 20 години да донесат ваква одлука? Како оцениле дека не постои ризик од бегство?“, рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа вели дека оваа одлука директно ја загрозува правдата, не само за овој предмет, туку и за сите останати кои се водат за него, како и за криминалот на други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Мијалков издржува мерка притвор во предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на 8 години затвор.