Градоначалникот на Град Скопје Данела Арсовска е нов претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). За потпретседатели се избрани градоначалниците на Чаир и на Валандово, Висар Ганиу и Перо Костадинов. Таа рече дека поинтензивно ќе се посвети на процесот на децентрализација кој се одвива повеќе години наназад.
„Верувам дека во тој процес на децентрализација ќе успееме да постигнеме и поскоро пренесување на зголемен број надлежности од централната на локалната власт, поголема фискална независност на самите општини, како тие би можеле да располагаат со средствата за да можат да ги реализираат проектите што ги имаат ветено пред граѓаните“, изјави Арсовска.
Информира дека едно од барањата ќе биде Владата да им обезбеди на општините дополнителна финансиска помош во делот на сметките за струја, нешто кое, како што рече, претставува навистина големо оптоварување.
ЗЕЛС е непрофитна организација и единствена национална асоцијација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Град Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа. Таа е основана на 26 април, 1972 година, датум, што во Статутот на ЗЕЛС е прогласен за Ден на општинитe.
Генералното собрание на ЗЕЛС денеска ја одржа конститутивната седница, на која беа избрани членови на сите органи и тела, меѓу кои и членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС.