Претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање во Собранието истакна дека не треба да се брза во решавањето на спорот со Бугарија со цел одблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на земјава во Европската унија, затоа што, како што вели, кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник.
Наместо тоа, Пендаровски смета дека треба да се работи на клучните реформи дома. Според него не држат тезите дека пролонгираната состојба на статус кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата.
„Нашиот источен сосед изминатава година имаше серија на избори и независно од емоциите кои ги провоцира изборниот амбиент, она што загрижува е што слушнавме и реторика која ги надминува сите досегашни тврдења поврзани со нашата историја, јазик и идентитет. Една од тие тези е дека спроведуваме системска дебугаризација што е сериозно обвинување кое се разбира нема ништо заедничко со реалноста. Невозможно е амбасадорите на 30 држави кои имаат свои амбасади во Скопје, од кои 16 се земји-членки на Европската унија и кои на дневна основа ги следат состојбите кај нас, да не известат во своите главни градови за еден таков процес, кој ако постои, би бил рамен на геноцид, рече претседателот во обраќањето на кое присуствуваа и високи државни функционери, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници.
Според него, од новата Влада во Бугарија и од претседателот кој има нов мандат се испраќаат и поинаку интонирани пораки“, вели претседателот Пендаровски.
На почеток од обраќањето Пендаровски ги повика присутните да им оддадат едноминутна почит на сограѓаните кои ги изгубија своите животи во сообраќајната несреќа во Бугарија, во пожарот во модуларната болница во Тетово и на сите оние кои оваа година починаа од КОВИД -19.