Со кредит од ЕБОР ќе се гради автопат дел од Коридорот 8

Илустрација, архивска фотографија

Европската банка за обнова и развој денеска одобри кредит во износ од 110 милиони евра за финансирање на изградбата на 10,2 километри автопат од Коридорот 8 на потегот од Букојчани до Кичево.Европската Унија го кофинансира проектот со ЕУР 20 милиони инвестициски грант, преку Инвестициската програма за Западен Балкан.

Претставникот на ЕБОР Анди Аранитаси на церемонијата на потпишување на договорот изјави дека веќе две децении банката игра уникатна улога во поддршката на патниот сектор во земјава.

„Со оваа нова инвестиција, повторно ја потврдуваме нашата посветеност за изградба на подобра транспортна инфраструктура во земјата за добро на сите во граѓани и бизниси,“ изјави Аранитаси.

Министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека Коридорот 8, чиј дел е и делницата од Букојчани до Кичево, е еден од стратешките проекти за инфраструктурата на земјата, кој ќе ја направи поконкурентна.

„Со изградба на патната инфраструктура од Коридорот 8, во земјава ќе се заокружи изградбата на пан-Европскиот коридор значаен за подобра поврзаност на Северна Македонија, Албанија и Бугарија кон останатите европски земји“, вели Бесими.

Од ЕБОР нагласуваат дека покрај креирањето на нови работни места за време на изградбата, работите на новиот дел од автопатот ќе обезбедат можност за развој на вештини за младите луѓе во градежниот сектор, преку обука на лице место.
ЕБОР досега за изградба на патишта во земјата, има обезбедено над 400 милиони евра.

Коридорот 8 е патнички и железнички коридор од исток кон запад, кој се протега од бугарското пристаниште Варна на Црно Море до албанското пристаниште Драч на Јадранско Море. Опфаќа морски и езерски пристаништа, аеродроми, патишта и железница, во вкупна должина од 1.270 километри железница и 960 километри патишта.