Франција- Софија и Скопје мора да најдат решение што е можно поскоро

Илустрација

Франција смета дека во моментов не може да се одреди конкретен датум за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Мора да се најде решение за проблемите меѓу двете земји што е можно поскоро, но поставувањето рокови може да ја наруши динамиката на процесот. Ова го изјавил францускиот државен секретар за европски прашања Клеман Бон во Софија по завршувањето на посетата, јавува новинската агенција МИА.

Тој посочил дека гледа волјата кај новата бугарска влада и кај македонските власти во Скопје да го продолжат дијалогот. Според Клемент Бон, Франција е подготвена да го поддржи овој процес како партнер и како следен претседавач со Советот на ЕУ.

„За да се зачува стабилноста на Балканот, Франција не може да чека предолго, но во исто време мора да имаме разбирање за проблемите што Бугарија и Северна Македонија треба да ги решат. Ја напуштам Софија со самодоверба и надеж, бидејќи од бугарските власти слушнав волја да се најде решение што е можно поскоро“, изјави Клеман Бон.

Тој потсетил дека Франција побарала нова методологија за преговарање со земјите кои веќе ги започнале преговорите, како Србија и Црна Гора, како и оние кои допрва треба да преговараат, како Северна Македонија и Албанија. Според него овие преговори веќе не треба да бидат правни, технократски и автоматски, мора да има политички и реверзибилен процес во дискусиите за проширувањето, нагласи францускиот државен секретар за европски прашања.

За време на посетата на Софија, Клеман Бон се сретна со претседателот на Бугарија Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска.