Кина воведе санкции за четворица членови на Комисијата за меѓународни верски слободи на американската влада. Потегот на кинеските власти е одговор на минатонеделните санкции што САД ги воведоа против кинески официјални лица и компании поради наводите за злоупотреби во северозападниот кинески регион Ксинџијанг.
Портпаролот на кинеското Министерството за надворешни работи, Жао Лиџијан, денеска изјави дека санкции се воведуваат за претседателката на Комисијата Надин Маенза, за потпретседателот Нури Туркел и за членовите на американската Комисија за верски слободи Анурима Баргава и Џејмс В. Кер. На нив им е забрането да ја посетат континентална Кина, Хонгконг и Макао. Дополнително, ќе им биде замрзнат секој имот што го имаат во Кина, без притоа да даде детали дали четворицата имаат имот во Кина.
Потегот на Пекинг дојде откако Вашингтон на 20 декември назначи нов специјален координатор за Тибет. Кина е под зголемени меѓународни критики и санкции по обвинувањата дека притворила во политички кампови за превоспитување повеќе од еден милион Ујгури и претставници на другите домородни, главно муслимански, етнички групи на Ксинџијанг.
Кина пак инсистира на тоа дека таквите кампови се „центри за стручно образование“ кои имаат за цел да им помогнат на луѓето да се оддалечат од тероризмот.
Министерството за финансии на САД на 10 декември објави санкции за двајца функционери кои се обвинети дека биле вмешани во репресија врз Ујгури и вез други муслимански малцинства. Американските санкции вклучуваат забрана на речиси целокупниот увоз од кинескиот регион Ксинџијанг. Вашингтон најави и дипломатски бојкот на претстојните Зимски олимписки игри во Пекинг.