Претставници на САД и Русија најверојатно ќе одржат билатерални разговори следниот месец на кои ќе стане збор за безбедносните предлози на Москва, откако Кремљ ја засили реториката и повторно предупреди дека е подготвен да преземе воени мерки доколку Западот започне „непријателски“ акции во однос на Украина.
„Ќе одлучиме за датум заедно со Русија и веруваме дека тоа ќе се случи во јануари“, рече помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Карен Донфрид.
Таа посочи и дека НАТО денеска ќе одржи состанок за да разговара за поканата на Русија на разговори за нејзините предлози. Во меѓувреме, како што наведе, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) разработува како сака да ја вклучи Русија.
„Моето чувство е дека ќе видиме движење во овие канали во месец јануари“, рече таа.
Донфренд порача дека некои од барањата се неприфатливи и дека Русија го знае тоа, но додаде дека има простор за разговори и дека Западот е подготвен да се вклучи.
Русија на 17 декември објави нови сеопфатни безбедносни барања упатени до од Западот, а кои суштински ќе и дадат на Москва сфера на влијание во соседните земји, а истовремено ќе го намалат напредокот што НАТО го направи во Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз од 1990-тите.
Предлозите повикуваат на прекин на проширувањето на НАТО кон исток и ограничувања на воената активност на алијансата во Источна Европа, вклучително и соработката со Украина и Грузија. Барањата беа поставени во форма на два нацрт-договори со САД и НАТО.