Демонстрантите кои се против вакцинација и кои се поврзани со екстремно десничарската романска парламентарна партија се обидоа насилно да влезат во зградата на законодавниот дом во Букурешт, блокирајќи го сообраќајот и вандализирајќи возила, вклучително и автомобил на амбасадата на САД.
Околу 2.500 луѓе се собраа пред парламентот веејќи романски знамиња и извикувајќи „Слобода“, на протестот организиран од опозициската партија Алијанса за обединување на Романците.
Демонстрантите, чиј марш беше најавен неколку дена однапред се противат на воведувањето на здравствен сертификат за Ковид-19 задолжителен за работниците. Полицијата ги блокираше влезовите на зградата, спречувајќи ги демонстрантите од целата земја да влезат во зградата, но, тие не употребија сила. Демонстрантите подоцна заминаа, а околу 700 маршираа кон седиштето на владата.
Во услови на слаба кампања за вакцинација, членката на ЕУ, Романија се соочи со најсмртоносниот пораст на инфекции и смртни случаи на коронавирус во текот на октомври и ноември. Земјата брои десетици илјади дневни инфекции и стотици смртни случаи.
Романската коалициска влада разговара за закон со кој ќе бара од вработените да имаат зелен сертификат- доказ за целосна вакцинација, закрепнување од Ковид-19 или негативен тест.
Само 40 отсто од 19 милиони луѓе во Романија, или 7,7 милиони луѓе, примиле две дози вакцина против коронавирус, а два милиони од нив, исто така, примиле трета доза која се смета за неопходна во борбата против новата варијанта на вирусот наречена омикрон.