Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска изјави дека евентуалното решение за отворените прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија би требало да се најде пред пратениците во Собранието. Со неговиот став се согласија и пратениците од опозицијата и власта кои денеска на седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции расправаа за заклучоците на Советот за општи работи на Европската унија за проширувањето.
„Мое лично уверување е дека ова прашање е прашање на нацијата и државата и ги надминува интересите на една или на друга влада или на една или друга опозиција. Со оглед на тоа што во коалицискиот договор на новата бугарска Влада проминентно место има и Собранието во Софија каде секое евентуално решение ќе оди на дебата, а исто така имајќи ја предвид и резолуцијата донесена во нашето Собрание каде се утврдуваат црвените линии по ова прашање од највисок национален интерес мислам дека има логика и ќе го зголеми легитимитетот доколку и ние чекор по чекор изградиме политичка атмосфера во насока дека какво било решение, што мора да биде европско и достоинствено, ќе дојде на дебата и на некаква валидација во нашиот Парламент“, рече Димитров.
Земјите-членки на ЕУ на заседанието на Советот за општи работи на 14-ти овој месец, не постигнаа договор за одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на оваа година. Во заклучоците од состанокот изостана временската одредница „до крајот на годината“ како рок за одржување на првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.